Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека постои зголемен ризик од повторени насилни напади од „криминалните структури на Србија на Косово“.

Говорејќи на седницата на Владата на Косово во Приштина, Курти рече дека нивната главна цел е „да ја обвинат косовската полиција и да ја претстават како сила која ги угнетува косовските Срби“.

„За да го постигнат тоа нема да бираат никакви средства“, рече косовскиот премиер.

Курти го упати ова предупредување околу три недели откако косовската полиција беше нападната на 24 септември од вооружена група Срби во селото Бањска во општина Звечан, каде што беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Во подоцнежните борби во Бањска загинаа тројца српски напаѓачи.

Србија ги отфрли обвинувањата на Косово дека стои зад нападот, кој косовските власти го опишаа како „обид за анексија на северно Косово“.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, тогашен потпретседател на најголемата партија на Србите на Косово, Српската листа, која ја поддржува и официјален Белград.

Прикажи повеќе