Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Милан Радоичиќ планира нови напади на Косово. На прес-конференција заедно со министерот за внатрешни работи Џелал Свецла коментираа дека според нив целта на овие планови е да се дестабилизира состојбата. Според Курти, Радоичиќ има редовни средби со српските разузнавачи а членовите на неговата група добиваат плата од 2.000 евра месечно.

„По терористичкиот напад, Милан Радоичиќ беше ослободен од српскиот суд во рекордно време. Тој сега заедно со некои членови на терористичката организација „Цивилна одбрана“ ги продолжува подготовките за други напади на Косово. Радоичиќ одржува редовни средби со високи претставници на БИА. Просториите на фирмата Јаблановица во Рашка, како и оние во Нови Пазар, се користат за сместување и складирање возила и експлозивни направи за идни напади на Радоичиќ и неговата група. Паравојските на Радоичиќ се засолнуваат во објектите што ги поседува овој туристички парк, а освен сместување, на членовите на терористичката група им се плаќа и по околу 2000 евра месечно“, вели Курти.

Тој рече дека Косово во соработка со меѓународните партнери е подготвено да одбие таквите напади. Свечла, пак, направи хронологија на целиот настан кој се случи на 24 септември. Презентираше фотографии, мапи и снимки од дрон, како и слики од осомничените за нападот.

Од друга страна, Белград негира вмешаност во овој настан. Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, ја презеде одговорноста за нападот во Бањска, каде беа убиени еден косовски полицаец и тројца напаѓачи.

Џесика Салахи