Премиерот на Косово, Албин Курти, во петок на пратениците треба да им ги открие деталите за документот за кој рече дека изразил подготвеност да го потпише минатата недела во Брисел. Опозицијата во Косово вели дека Курти има законска обврска да поднесе извештај по средбите во Брисел на 26 октомври со лидерите на Франција, Германија, Италија и со највисоките претставници на Европската унија.

„Каква ќе биде таа асоцијација или ‘заедница’ како што ја нарекуваа, каква ќе биде штом премиерот се согласи да се спроведе во блиска иднина? Ве уверуваме дека ние како опозиција нема да дозволиме ниту една таква институција да се формира без претходно Уставниот суд јасно да се изјасни за неа, таа да биде во целосна согласност со Уставот на нашата земја“, рече Абелард Тахири, Демократска партија на Косово.

„Во минатото кога преговарачите и соговорниците не ги објавуваа документите, дури ни на политичките партии, тогаш премиерот на Косово тоа го нарече предавство или тенденција да се кријат акти на предавство. Не знаеме што има во тие документи. За нас, како Собрание на Косово е важно да имаме пристап до тие документи“, рече Арбен Гаши, Демократски Сојуз на Косово.

„Неприфатливо е од премиерот да се однесува како монарх. Живееме во демократија, а не во монархија. Затоа, за овој договор е неопходно за да се даде отчет пред Собранието“, рече Бесник Тахири, Алијанса за иднината на Косово.

По одвоените средби на Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ со европските лидери, косовскиот премиер рече дека го прифаќа предлогот за Асоцијацијата и е подготвен да потпише договор за нормализација на односите, но Вучиќ не прифати. Претставникот на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак, рече дека нацрт-статутот за Асоцијацијата не ги пречекорува „црвените линии“ на страните, додавајќи дека тоа сепак не е единствениот елемент што треба да се спроведе, бидејќи Србија нема имплементирано членови од Договорот за нормализација на односите. Ден по средбите во Брисел, Франција, Германија и Италија ја повикаа Србија де-факто да го признае Косово, а Косово да ја формира Асоцијацијата на општини со српско мнозинство.

Семра Мусаи