Косово ја одбележува 24-годишнината од ослободувањето кога мировните трупи на НАТО влегоа во земјата по воздушната кампања против српските воени и полициски цели во Косово и Србија. Нападите кои траеја 78 дена, завршија на 10 јуни 1999 година, по усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, со капитулација на Србија и повлекување на нејзините сили од Косово.

„Ние сме вечно благодарни и ја повторуваме оваа благодарност во името на сите граѓани на Косово, за визионерите на државата, за претседателот Ругова, сите активисти кои дадоа сè за да се постават темелите. Исто така за легендарниот командант, Адем Јашари и сите војници на ОВК кои ги дадоа своите животи за нашата слобода, но и вечна благодарност до сите наши пријатели кои ни помогнаа слободата, независноста и демократијата да станат реалност“, рече Вјоса Османи, претседателка на Косово.

„Се потсетивме со положување свежо цвеќе и оддавање почит на хуманоста на Ругова, на издржливоста на Демачи, жртвувањето на семејството Јашари и придонесот на НАТО. Се поклонуваме пред сите паднатите борци и херои на нацијата и сите оние кои ги дадоа своите животи за слободата на народот и ослободувањето на Косово. Воената интервенција на НАТО го спречи српскиот геноцид врз нашиот народ. Ние сме секогаш и засекогаш благодарни“, рече Албин Курти, премиер на Косово.

Токму на денешниот ден, премиерот на Албанија, Еди Рама уште еднаш го повика Курти да размисли и да стави крај на кавгата со сојузниците, која ја нарече, апсурдна.

„Како денеска и пред речиси 25 години, влезот на НАТО во Косово ги потсетува сите дека без стратешките сојузници на Албанците, добрите пријатели во најлошите денови, немаше да има Република Косово, ниту слобода и демократија за Албанците на Косово. Денеска е денот за длабоко размислување и извлекување на Косово од ќорсокакот каде се најде поради апсурдната кавга со сојузниците. Косово дефинитивно треба да излезе од ќорсокакот со дијалог, не со полиција, со конкретни идеи, не со пропаганда, со добри пријатели, не со малтретирање пријатели“, рече Рама.

Рама пред неколку дена испрати нацрт за Заедницата на српски општини до претседателот на Франција Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц. Владата на Косово сè уште официјално не се изјаснила за него.

Семра Мусаи