По рускиот напад врз Украина, Косово презеде неколку мерки во координација и во тесна соработка со ЕУ, НАТО и Соединетите Американски Држави. Ова го изјави косовскиот премиер Албин Курти.

„Преземавме одредени мерки и некои заклучоци во однос на координација и поблиска соработка со демократскиот запад воопшто и особено со Европската Унија и НАТО. Жал ми е што не е соодветно да зборувам за деталите на овие заклучоци“, рече Албин Курти, премиер на Косово.

Албанскиот претседател Илир Мета и премиерот Еди Рама, исто така го осудија рускиот напад врз Украина. Но, во исто време, раководството во Србија не е начисто дали треба да им се приклучи на санкциите против Русија. Поранешниот премиер и министер во повеќе ресори, Ивица Дациќ, потсети на војната во 1999 година.

„Србија мора да ги земе во предвид своите национални и државни интереси. Србија не треба едноставно да се приклучува на казните, санкциите толку повеќе што земјите кои тоа го бараат од Србија, не беа коректни кога нашата земја беше нападната во 1999 година“, изјави Ивица Дачиќ, Социјалистичка партија на Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека Србија е во многу тешка ситуација и под голем притисок да се приклучи кон ЕУ и да ги осуди потезите на рускиот претседател Владимир Путин во Украина, како и да побара од неговата земја да воведе санкции кон Русија, па денеска повторно го свика Советот за национална безбедност. Официјален став најави за утре.

Во време кога НАТО и ЕУ ја осудуваат руската агресија, членови на алијансата изјавија за Радио Слободна Европа дека се подготвени да продолжат да играат улога во поддршката на долгорочниот мир и безбедност на Западен Балкан. Ова беше кажано во контекст на прашањето дали НАТО ќе го зголеми своето присуство на Балканот за да спречи можна дестабилизација. Во меѓувреме, Силите на Европската унија во Босна и Херцеговина, познати како ЕУФОР, најавија дека ќе ангажираат околу 500 дополнителни припадници.

Вјолца Алити