Од Комисијата за заразни болести за в вторник најавуваат дека ќе предложат нови мерки откако денеска на Детската клиника беше хоспитализирано осуммесечно доенче со пертусис во стабилна состојба. Тоа е невакцинирано, но е задржано за следење на состојбата, пренесува МКД.мк.

Се очекува Комисијата за заразни болести да даде препорака до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да ги задолжи градинките да се направат списоци на вакцинирани и невакцинирани деца и да забранат прием на невакцинирани деца.

Вакциналните пунктови работат во две смени и во сабота. Вакцинацијата се одвива засилено откако на подрачјето на Скопје беше прогласена епидемија од голема кашлица или пертусис.

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 18 јануари до сега, сите вакцинални пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЈЗ, вршат интензивно пребарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје досега се регистрирани 56 случаи на голема кашлица, од кои дури 54 се во Скопје. Најголем број се во општините Аеродром, Карпош и Центар.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.