Фудбалерите на Ливерпул лесно го совладаа Лестер во понеделникот вечерта и ги задржаа надежите за освојување на место кое води во Лигата на шампионите следната сезона. Менаџерот на тимот Јирген Клоп го пофали својот тим, но зборуваше и за шансите на „црвените“ да дојдат до едно од првите четири места.

Ливерпул до триумфот стигна со головите на Кертис Џонс во првото полувреме и голот на Трент Александер-Арнолд во вториот дел. Ливерпул сега има само бод помалку од Њукасл и Манчестер Јунајтед и натпревар повеќе од над своите ривали во борбата за место во Лигата на шампионите.

До крајот на сезоната, на тимот на Јирген Клоп им остануваат уште два натпревари – дома со Астон Вила (20 мај) и на гости кај Саутемптон (28 мај).

Јунајтед оди кај Борнмут (20 мај), а потоа ќе ги пречека Челзи (25 мај) и Фулам (28 мај).

Њукасл ќе ги пречека Брајтон (18 мај) и Лестер (22 мај), а во последното коло ќе му гостува на Челзи (28 мај).

„Многу работи се сменија во нашата игра и сега играме во поинаков ритам. Мислам дека нашите ривали во борбата за Лигата на шампионите би биле среќни доколку загубевме од Лестер. Посакувам да бевме во нивната ситуација. Мора да бидеме спремни доколку тие направат кикс, но не би рекол дека е веројатно. Не знам дали тоа ќе се случи. Ќе забележиме ли две победи? Тоа ни јас не го знам“, изјави менаџерот на Ливерпул.

Прикажи повеќе