Украинското воено разузнавање остро ги отфрли коментарите на рускиот претседател Владимир Путин за наводната вмешаност на Украина во вчерашниот терористички напад во концертната сала во Москва, објави ДПА.
Тврдењето на Путин дека четворица сторители биле уапсени при бегство во Украина е „апсолутно лажна и апсурдна изјава“, изјави денеска портпаролот на разузнавачката служба ХУР, Андриј Јусов.
„Се разбира, оваа верзија не може да ги издржи критиките“, истакна Јусовт, се наведува на веб-страницата на весникот „Украинска Правда“.
„Сите во светот го разбираат ова, освен можеби зомбираното руско население“, додаде тој, наведувајќи ги многуте пречки што спречуваат таква инфилтрација преку границата.
Според него, целосната руска инвазија на Украина е во тек повеќе од две години, а пограничните области се полни со нејзини војници, специјални агенти, разузнавачки служби и безбедносни сили.
Граничната линија е минирана, се надгледува со користење на сите средства, вклучително и воздушно извидување од двете страни.
Портпаролот го обвини Кремљ дека сака да ја искористи трагедијата во Москва за да ја интензивира репресијата во Русија, пренесува ДПА.
Еден ден откако најмалку 143 лица загинаа во нападот на вооружени лица во концертната сала „Крокус Сити Хол“ во близина на Москва, Путин во телевизиски говор тврдеше дека четворица од 11-те уапсени осомничени се обиделе да побегнат во Украина.
Тој ја нагласи „украинската трага“ во крвавите настани од вчера, користејќи руски израз за распределба на вината или вмешаност.
Руските пропагандисти, исто така, брзо го отфрлија како лажно писмото со признание од терористичката ИСИС, која ја презеде одговорноста за нападот.
Г. Т.