Кина гради база на Антарктикот која може да се користи не само за научни, туку и за воени цели, предупредуваат група експерти од Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) во Вашингтон.

Advertisements

Пекинг се обидува да развие нови бродски рути кон Арктикот и да ги прошири истражувањата на Антарктикот, но западните влади се загрижени дека нејзиното растечко присуство во поларните региони може да ѝ овозможи на кинеската војска подобри способности за надзор.

Новата станица, на островот Инекспресибл во близина на Росовото Море, се очекува да вклучува опсерваторија со сателитска копнена станица, која треба да ѝ помогне на Кина да ја пополни големата празнина во нејзината моќ за пристап до континентот, се вели во извештајот на ЦСИС.

Група експерти користеле сателитски снимки направени во јануари за да идентификуваат нови објекти за поддршка, привремени згради, хелиодром и темели за поголема главна зграда на станицата од 5.000 квадратни метри. Се проценува дека изградбата би можела да биде завршена до 2024 година.

„Иако станицата може да обезбеди следење и комуникации за растечката низа научни сателити во Кина кои ги набљудуваат поларните региони, нејзината опрема може истовремено да се користи за пресретнување на сателитски комуникации од други земји“, соопшти ЦСИС.

Станицата е добро позиционирана да собира разузнавачки сигнали над Австралија и Нов Зеланд и телеметриски податоци за ракети лансирани од новиот австралиски вселенски центар Арнем.

Кога ќе биде завршена, се очекува да вклучува пристаниште за кинескиот мразокршач Суелонг. ЦСИС изјави за Ројтерс дека додека САД сè уште одржуваат големо истражувачко присуство на Антарктикот, вклучувајќи го и најголемиот објект во нивната станица МекМурдо, присуството на Кина во областа рапидно расте. Новата кинеска база ќе биде на 320 километри од станицата МекМурдо.

Според Антарктичкиот договор од 1959 година, чиј потписник е и Кина, активностите на поларниот континент се ограничени на мирољубиви цели. На воениот персонал му е дозволено да спроведува научни истражувања, но му е забрането да поставува бази, да спроведува маневри или да тестира оружје.

Во извештајот на Пентагон од 2022 година се вели дека новата кинеска инфраструктура на Антарктикот најверојатно е делумно наменета да ги зајакне нејзините идни претензии за природни ресурси и пристап до поморските коридори и да ги подобри способностите на кинеската војска. Кина ги отфрла тврдењата дека таквите станици ќе се користат за шпионажа.