По Скопје сега и официјална Софија го протера рускиот свештеник Васијан Змеев. Тој беше челник на Руската црква во Бугарија, а ја покриваше и територијата на Македонија. Бугарските власти не ги откриваат причините за протерувањето на Змеев и уште двајца негови колеги свештеници.

„Нивните дејствија се дел од извештај со тајна ознака. Јас немам директна улога во носењето на одлуката. Решението е на Државната агенција за национална сигурност“, рече Николај Денков – премиер на Бугарија.

Поранешниот бугарски заменик министер за надворешни работи, Милен Керемдчиев во интервју за БТВ, отворено изрази сомневање дека свештениците на Руската православна црква биле дел од руското разузнавање и во нивен фокус биле односите Скопје-Софија.

„Се гледа дека тие биле исклучително активни и во Северна Македонија, која е основна цел на руското разузнавање и нивната желба Бугарија и Северна Македонија да имаат исклучително лоши односи и соодветно Северна Македонија да не тргне по својот европски пат“, рече Керемедчиев.

Од македонските власти немаше потврда дека на рускиот свештеник му е забранет влез во земјава. Информацијата беше објавена на дел од порталите во ист период кога тројца руски дипломати од Амбасадата во Скопје беа прогласени за „персона нон грата“. Одлуката им била соопштена на руските дипломати на 12-ти септември. Инаку, според пишувањата, свештеникот Змеев минатата година зачестил со посети во земјава и остварувал средби со претставници на Македонската православна црква.

Од Синодот на МПЦ не споделија детали за случајот. Во земјава во јануари годинава пристигна и рускиот свештеник Антониј кој одговара за дипломатските односи во Руската црква. Тогаш претседателот Стево Пендаровски рече дека нема проблем со посетата на рускиот митрополит, сè додека таа е во рамки на црковните прашања. Сепак, тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин, како што рече, неспорно ја користи црковната дипломатија како една од своите алатки во светот да ја оправда војната во Украина.

Лука Андреев