По 20 март, во Германија треба да се укинат најголемиот број ограничувања поврзани со пандемијата на коронавирусот. Ваква одлука е донесена во Берлин на состанокот меѓу канцеларот Олаф Шолц и претставниците на сојузните покраини, со најава за задолжителна вакцинација „за следната есен и зима“.

„Сега можеме да гледаме кон иднината со поголем оптимизам отколку што можевме во последните неколку недели. Мислам дека по две долги години заслужуваме да ги подобриме работите и се чини дека токму тоа се случува“, ја цитираат медиумите изјавата на Шолц.

Тој оцени дека ова е „голем ден“ во досегашниот тек на пандемијата и оти Германија поминала добро, во споредба со другите земји, преку сојот омикрон. Врвот на овој бран е зад нас, рече Шолц.

Планот од три точки предвидува укинување на ограничувањата во фази – за приватни собири, продавници, ресторани и хотели. Од 20 март, сепак, ќе биде неопходно да се носи заштитна маска и превентивно да се одржува физичка дистанца.

Шолц потсети дека неговата влада е за задолжителна вакцинација, иако се соочува со противење во Бундестагот, пренесува РСЕ.