Информацијата дека Паоло Трамецани го презема тимот на швајцарски Сион можеби и не е најбомбастичната од светот на фудбалот, меѓутоа, интересно е тоа што италијанскиот тренер дури четврти пат седнува на клупата на овој тим.

Поранешниот тренер на Хајдук Сплит во минатото во три наврати беше тренер на Сион, а сега добива и четврти ангажман во овој клуб. Првата етапа беше во 2017 година, потоа во 2020 година беше предводник на тимот на само тринаесет мечеви, а третиот пат се задржа сезона ипол и одработи 46 натпревари како прв тренер на швајцарскиот клуб.

Трамецани доби отказ од Сион во ноември минатата година, што значи дека се враќа во клубот по само половина година од последната авантура. Интересно е тоа што во овој период Сион смени дури тројца тренери, а очигледно е дека нешто не „штима“ во тимот, па управата реши повторно да го повика искусниот 52-годишен италијански стратег.

Во својата кариера Трамецани беше тренер на повеќе клубови како Лугано, Апоел Никозија, Ливорно, Хајдук, а пет години беше и помошник-селектор на селекцијата на Албанија. /Gol.mk/

Прикажи повеќе