Израелски воени тенкови се распоредија во јужен Израел во саботата, додека војната Израел-Хамас влезе во осмиот ден.

Многу Палестинци се обидуваат да избегаат од северниот дел на Газа откако Израел нареди речиси половина од населението во енклавата да се евакуира.

Наредбата на Израел за преселување на 1,1 милион луѓе предизвика паника меѓу цивилите и здравствените работници. Семејствата во Газа се соочуваат со огромни дилеми дали да останат или да ги напуштат своите домови. Во Газа со денови нема дотур на вода, храна и лекови.

Портпаролот на регионалната канцеларија на УНИЦЕФ на Блискиот Исток, изјави дека 1 милион и 100 илјади лица немаат безбедно место за евакуација. Тој повика на примирје и хуманитарни коридори.

„Хуманитарната акција во Газа е попречена од насилството и затоа се потребни повици за прекин на огнот, бидејќи без прекин на огнот, не можеме да продолжиме со нашата работа. Нашиот повик сега е за прекин на огнот и хуманитарни коридори, безбедни премини за да се стигне до децата и семејствата во Појасот Газа. Заштитата на децата е најважна и е одговорност на сите страни во конфликтот“, рече Салим Оуеис, канцеларија на УНИЦЕФ за Блискиот Исток.

Израелската војска соопшти дека планира да ги нападне подземните засолништа на Хамас, но Палестинците и некои египетски официјални лица стравуваат дека крајната цел на Израел е да го протера целото население од Газа преку јужната граница во Египет. Во еднонеделната војна, Министерството за здравство на Газа објави дека повеќе од 2.200 луѓе биле убиени, повеќе од половина од нив на возраст под 18 години. Како последница на нападите на Хамас пак, настрадаа 1.300 Израелци, повеќето од нив цивили. Израелската влада соопшти дека во борбите загинале и 1.500 милитанти на Хамас.

Алсат