Австрија и шест други земји-членки на ЕУ бараат пристапот на земјите од Западен Балкан во ЕУ да биде забрзан со обновена енергија. Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг иницираше формирање на „Група на пријатели на Западен Балкан“. Во неа се вклучени и Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија. Тие денеска се состанаа во Австрија и усвоија „Декларација од Гетвајг“, 20 години по Солунскиот конгрес кој пак, претходно две децении влеваше надеж за евроинтеграциите на земјите од регионот.

„Изгубивме 20 години. Изгубивме моментум. Проширувањето е лакмус тест за Европа. Фокусот сега е на Украина, која се бори за опстанок, но ЕУ мора да погледне и кон јужните соседи од Западен Балкан. Украина и Молдавија исто така имаат официјален кандидатски статус за членство во ЕУ од минатата година. Ова покрена одредена загриженост, особено во Австрија, со оглед на можноста дека Западен Балкан може да биде оставен сам на себе“, рече Шаленберг.

Обновената декларација за евроинтеграциите на регионот ја поздрави и чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски. Според него, потребна е поголема храброст од страна на земјите-членки на ЕУ.

„Ова е многу важно за Западен Балкан. Потребна е поголема храброст од ЕУ и земјите од Западен Балкан за решавање на отворените прашања. Сега е добра можност да се направите тоа. Додека пак, во случајот со Украина ситуацијата е поинаква…“, рече Липавски.

Во заедничкото соопштение на седумте земји-членки на Унијата кои решија да дадат поддршка за поскоро проширување со државите од Западен Балкан се наведува дека процесот на проширување е премногу бавен, а понекогаш и премногу сложен и бирократски. Тие се на заеднички став дека има многу малку видливи и опипливи резултати за граѓаните на Западен Балкан, особено за младите луѓе, а тоа доведува до „разочарување и отуѓување“ од ЕУ. Сепак, тие потенцираа да се затворат отворените прашања и да се стави акцент на внатрешните реформи.

Лука Андреев