Израел нападна луѓе кои чекаа хуманитарна помош во Газа, убиени се 20 Палестинци

Израелската војска уби 20 Палестинци и рани најмалку 155 во вооружен напад врз луѓе што чекаа хуманитарна помош на Кувајтската крстосница во Појасот Газа, соопшти палестинското Министерство за здравство, пренесува Агенцијата Анадолу.

Министерство за здравство во Газа истакнува дека овој напад укажува на однапред планираната намера на Израел да изврши нов и пострашен масакр.

Во соопштението се вели дека процесот на евакуација на загинатите и повредените продолжува и покрај тешката ситуација на теренот, истакнувајќи дека бројот на убиени би можел да се зголеми поради тешката здравствена состојба на повредените што се донесени во болница.

Според палестинската новинска агенција ВАФА, десетици луѓе се убиени и повредени во нападот на Израел врз Палестинците кои чекале хуманитарна помош.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Во овие напади досега се убиени најмалку 31.341 Палестинци, од кои најмалку 13.500 деца и 9.000 жени, а 73.134 се повредени во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни средства за опстанок.

Се претпоставува дека под урнатините сѐ уште се наоѓаат илјадници мртви.

По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со ненамален интензитет, особено се напаѓа цивилната инфраструктура, при што цел се болниците и образовните установи во кои се засолнети Палестинците.

Во исто време, испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.