Зендели: Храброста на украинскиот народ е светлата точка во овие две трагични години

Овој настан одбележува две години од опстанокот на еден храбар народ, украински народ, рече пратеничката од Демократската унија за интеграција Арта Билали – Зендели, на конференцијата „Украина – две години хероизам“, организирана од Амбасадата на Украина во соработка ЦИВИЛ.

Таа меѓу другото кажа дека ние можеме и да разбереме и да замислиме како е да се живе под страв, под закана на војна. Ние можеме да разбираме и да размислиме колку само вреди една солза на еден родител, на едно дете, за нивните изгубени семејства и за нивните изгубени домови што носат многу спомени за нив.

„Две години се случува инвазија, која што подразбира и кршење на меѓународното право и демократските вредности на современиот свет. Овој настан пред две години му покажа на либералниот свет дека мирот и универзалните човекови права и слободи треба да се сочуваат, треба да се негуваат и сите ние треба да придонесеме кон нив, рече Зендели. Таа понатаму во својот говор истакна дека едната страна одлучи да ги крши тие правила. Одлучи самоволно да делува, и одлучи да војува против еден суверен народ на својата суверена територија.

„Ова под сериозно прашање го стави концептот на современиот мултилателаризам и сето тоа што сите ние мислевме дека е минато во европско тло, војната. Меѓутоа, има еден светол момент, светла точка на сите овие трагични моменти што се случуваа во изминативе две години, а тоа е куражот на украинскиот народ, храброста на украинскиот народ да се борат за нивната слобода, но и за нашата слобода“, порача Зендели.

Н. Абдурахмани 

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети

Фотографија: Биљана Јордановска