Украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека руските сили „целосно го уништиле“ украинскиот регион Донбас, додека Москва ја интензивирала својата офанзива на исток. Зеленски, исто така, ги обвини руските сили дека се обидуваат да убијат што е можно повеќе Украинци и да предизвикаат што е можно поголема штета, повторувајќи ги наводите дека Русија извршила геноцид.

„Украинските сили продолжуваат со ослободување на Харков. Но, во Донбас, напаѓачите се обидуваат да го зголемат притисокот. Бруталното и апсолутно бесмисленото бомбардирање на Северодонецк остави 12 мртви и десетици ранети за само еден ден. Бомбардирањето и гранатирањето на другите градови, воздушните и ракетните напади на руската армија не престануваат. Ова е намерен и криминален обид да се убијат што е можно повеќе Украинци, да се уништат што повеќе куќи. Ова ќе биде опишано како геноцид врз украинскиот народ, за кој окупаторите дефинитивно ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Зеленски.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека Русија најверојатно ќе ги засили своите операции во регионот на Донбас откако ќе го обезбеди градот Мариупол. Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари, а откако не успеа да ја преземе контролата врз Киев и другите клучни градови во првите недели, Москва ја концентрираше својата офанзива во источниот регион Донбас. Британското воено разузнавање соопшти дека речиси 1.700 украински војници ја напуштиле фабриката за челик Азовстал во Мариупол. Русија, соопшти дека 1.730 украински војници се „предале„ во Азовстал, а Украина соопшти дека сака да размени затвореници, но не коментираше дополнително за ова прашање, тврдејќи дека тоа можат да ги загрозат спасувачките напори. Сите борци на Азовстал наводно се префрлени на териториите под контрола на проруските сепаратисти во источна Украина. Сè уште не е јасно колку војници има во фабриката, но градот Мариупол сега е под руска контрола. Борците во Азовстал беа последниот отпор во Мариупол уништен од руското бомбардирање. Украина им нареди на борците да го предадат оружјето и да ја напуштат фабриката.

Алсат

Прикажи повеќе