(ВИДЕО) Последните мигови пред ракетниот напад на супермаркетот во Харкив; како изгледа руското „ослободување“?

Како изгледа руски ракетен напад на „воени цели“ во Украина? Додека луѓето се меѓу рафтовите во супермаркетот „Епицентар“ што се наоѓа среде станбено подрачје во Харкив, рускиот ракетен терор брутално го прекинува секојдневието и – животот на цивилите во саботата, 25 мај.

„Уште една манифестација на руското лудило,“ рече украинскиот претседател Зеленски во своето видео обраќање во саботата.

На видео што го објави ЦИВИЛ МЕДИА, се гледаат последните мигови пред разорниот напад врз супермаркетот.

„Еве како чешмите и славините се третираат како ‘оружје’, а цивилите како ‘воени цели’ во главите на руските орки,“ вели изворот на ЦИВИЛ од Украина.

Според изворот, за нападот на супермаркетот е намерно избрано време кога луѓето не се на работа и го користат слободното време за набавки за домашни потреби. Се проценува дека во моментот на нападот имало околу 200 луѓе во супермаркетот.

Нападот е извршен со две наведувани бомби, а бројот на жртвите во првите 24 часа по нападот се искачи на повеќе од 12 загинати и повеќе од 45 ранети.

Камерата што е дел од униформата на полицајците, го покажува размерот на нападот, како и брзината на реакцијата на полициските и спасувачките екипи.

Уште нешто може да се забележи на полициската снимка. Сите говорат руски. Имено, во Харкив, втор по големина во Украина, голем број луѓе говорат руски.

„Путин тврди дека населението што говори руски во Украина е под репресија. А вака изгледа ‘руското ослободување’ од репресијата,“ вели соговорникот на ЦИВИЛ.

Светот мора да ја види вистината за руската агресија и злосторствата што ги прават, додаде тој на крајот од разговорот.

Џ. Дерала