Зеленски на средба со Бауер ја истакна итната потреба од дополнителни системи за противвоздушна одбрана

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, одржа средба со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, на која се разговарало за можностите за зајакнување на координативната улога на Алијансата во поддршката на Украина, особено во зајакнувањето на постоечките одбранбени капацитети, соопшти прес-службата на претседателскиот кабинет, пренесува Укринформ.

„Ви благодариме на вашата прва посета на Украина од почетокот на војната. Ова е сериозен сигнал за поддршка за нашето општество. Поддршката на НАТО и сојузниците е, пред сè, многу важна за моралот на нашите војници и украинските цивили. Навистина го цениме фактот дека можеме да сметаме на вас“, рече Зеленски.

Тој го информирал претседателот на Воениот комитет на НАТО за приоритетните одбранбени потреби на Украина и ја нагласил итната потреба од дополнителни системи за воздушна одбрана за веродостојна заштита на Украинците од постојани ракетни и беспилотни напади.

Зеленски ги истакнал и очекувањата на украинската страна од овогодинешниот самит на НАТО во Вашингтон. „Сметаме на правични оценки за достигнувањата на нашата земја и за одлуките на Самитот во Вашингтон, што ќе ја приближи Украина до членството во Алијансата“, нагласил тој.

М. П.