На сеопфатни и чесни мировни преговори без одлагање повика украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според него ваквите преговори би биле единствена шанса за Русија да ја намали штетата од сопствените грешки.

Advertisements

„Сакам сите да ме чујат, особено во Москва – дојде времето за разговори. Дојде времето да се возобнови територијалната целосност и правда во Украина. Во спротивно, Русија ќе плати толку висока цена, што неколку генерации нема да можат да ја надоместат“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина

Од Кремљ засега нема одговор на најновиот повик на Зеленски за тет-а-тет средба со рускиот колега Владимир Путин, но шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров истакна дека преговорите продолжуваат, иако можело да има и поголем напредок.

„Дијалогот на еден начин се подобри, иако постојано чувствувате дека украинската делегација ја држат за рака, веројатно Американците не дозволуваат тие да се согласат со оние барања кои верувам, се апсолутно минимални“, рече Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија

Во меѓувреме, од она што може да се заклучи од интервјуата на главните преговарачи од двете страни, Михајло Подољак и Владимир Медински, камен на сопнување останува евентуално признавање на Доњецк и Луганск за независни републики. Украинскиот преговарач вели дека Киев нема да отстапи од своите територии.

„Нашите клучни барања се прекин на огнот, безбедносни гаранции, повлекување на трупите и политичка резолуција за спорните територии. Русија имаше изградено ставови за овие прашања, но започна да ги менува“, рече  Михајло Подољак – украински преговарач

„Прашањето за управувањето во Донбас треба да го реши самиот негов народ. Руската позиција за Донбас е јасно формулирана и Руската федерација нема да отстапи од неа“, рече  Владимир Медински – руски преговарач

Русинот Медински истакна дека преговорите се одвиваат бавно и тешко, но оти Москва искрено се стреми за поскоро решение. Според него, руските цели поставени на првата рунда преговори се немаат променето. /Алсат.мк

Лука Андреев