Во текот на петтата недела од 2024 година – од 29 јануари до 4 февруари, во државата се пријавени 1.675 случаи на групни пријави за заболени од грип -заболувања слични на грип. Тоа претставува 9,9 отсто помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со петтата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,3 пати, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во текот на оваа извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнаа 57 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и Ковид-19 (SARS-CoV-2). Притоа, детектирани се 15 позитивни случаи на Influenza: 14 Influenza А(H1)pdm09 и 1 Influenza А(H3). Регистрирани се два пациента со SARS-CoV-2, се наведува во извештајот.

Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.

Заболените се пријавени од 27 ЦЈЗ/ПЕ, во Кавадарци – 371, Скопје – 186, Битола – 169, а во останатите, бројот на пријавени е помал или еднаков на сто и педесет. Во три извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во 13 сезонска, во осум средна, во Ресен и Крушево – висока и во Кавадарци – многу висока активност на вирусот на грип, пишува во извештајот.

Во сезоната 2023/2024, вкупниот број на случаи на грип – заболувања слични на грип изнесува 8.662, што во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 48,9 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има зголемување од 10,5 проценти.

Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се осум починати лица асоцирани со грип, три од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и од Штип, пет од возрасната група на лица од 15 до 64 години и три од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип. Кај осумте лица е докажан Influenza А(H1)pdm09, покажуваат податоците на ИЈЗ.

Од ИЈЗ заклучуваат дека се забележува стабилизирање на бројот на заболувања слични на грип, кој е над неделната граница за сезонска активност.

Заклучно со петта недела од 2024 година, во земјава вакцинирани се вкупно 61.677 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.