За 25 отсто е зголемен бројот на новозаразени со ковид-19 за една недела, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој се однесува за период од први до 7 ноември годинава.

Тестирани се вкупно 22.100 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за ковид-19, со зголемување од 5,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 3.504 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со зголемување од 25,0% во однос на минатата недела, се вели во Извештајот кој го објави ИЈЗ.

Процентот на позитивност се движи од 11,9% до 18,6%, просечно 15,7%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.449; 41,3%). Највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци и Крива Паланка.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=850, 24,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (n=125; 3,6%). Се забележува зголемување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително зголемување кај возрасната група од 0-9 години, 33,0% повеќе во однос на претходната недела.

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.934 (55,2%) лица од женски и 1.570 (44,8%) од машки пол.

Со статус „оздравени“ се стекнале 2.294 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Во текот на мината недела вкупно се пријавени 49 реинфекции, со зголемување од 28,9% во однос на претходната недела.

Пријавени се 79 смртни случаи во 19 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (31). Најголем број (n=67; 84,8%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (5), 40-49 години (3), 30-39 години (3) и од 10-19 години (1 лице).

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.