По инсталација на новиот акцелератор кој беше купен пред седум години, на располагање оваа клиника ќе има четири акцелератори кои ќе бидат наменети за потребите на пациентите со малигни болести, најави министерот за здравство, Фатмир Меџити при денешната посета на Клиниката за онкологија.

Тој рече дека согласно предвидената динамика во која се опфатени фазите на инсталација на системот, мерења, калибрации и моделирања конечното пуштање во употреба се очекува да се реализира за период од три месеци.

Министерот Меџити исто така информираше дека пред неколку дена завршени се и последните стручни консултации со претставници за КАТО системот, пред објава на тендерот потребен за негово враќање во функција.

КАТО системот ќе се врати во функција со средства обезбедени со ребаланс на Буџетот, a со неговото ставање во функција ќе обезбедиме прецизно дозирање, безбедно чување на цитостатиците и долгорочна заштита од евентуални злоупотреби, изјави Меџити.

Во врска со прашањето кога би бил пуштен во употреба КАТО системот, тој рече дека иако не може да се каже со сигурност, се очекува тоа да биде подготвен до јуни следната година.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.