Оваа стара Русинка гласно извикуваше „Украина“, но ја спречи руската полиција која ја уапси. Всушност, имаше стотици апсења на демонстранти во Москва и други руски градови кои неколку дена бараа прекин на војната.

Не сакаме војна! Кажи не на војната!

„Војната треба да престане. Мора така. Лудост е ова што се случува сега. Сите треба да викаме – Не за војна! Треба да излеземе, бидејќи не може поинаку, инаку ќе ја изгубиме Русија. Не само што ќе ја изгубиме Украина, туку и Русија“, изјави Олга, руски демонстрант.

Најмасовни протести се одржаа во Санкт Петербург и во главниот град Москва. Во неделата имаше повеќе апсења, односно над 6 илјади лица.

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор во Москва, повика на секојдневни протести, велејќи дека Русија не може да стане нација на исплашени и тивки луѓе. Критичарите на Кремљ дури го нарекоа рускиот претседател Владимир Путин, „луд цар“.

„Не се плашам од одлуката на судот, Руската Федерална служба за безбедност, обвинителството и сите други. Не се плашам, бидејќи сметам дека е понижувачки да се плашам од сето ова. Наместо да го прифатите сето ова, станете на масовен протест против него“, рече Алексеј Навални, лидер на опозицијата во Русија.

Во многу светски метрополи во светот се одржаа мирни протести, а ги имаше и во Скопје, Тирана и Приштина.

Аднан Ќаили