Западните земји ја осудија одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги признае барањата за независност на регионите што сепаратистите поддржани од Русија ги држат во Украина, при што САД и нивните сојузници ветија дека брзо ќе воведат нови санкции против Москва. Американските власти соопштија дека Вашингтон се координира со сојузниците и дека денеска ќе ги објави новите санкции против Москва.

Глобалните берзи паднаа и цените на нафтата се зголемија по акцијата на Путин да ги признае сепаратистите и неговата одлука да нареди руски војници да влезат во регионите. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен доцна на 21 февруари твитна дека одлуката на Путин бара „брз и цврст одговор и соодветни чекори во координација со партнерите“. Русија во 2014 година ја нападна Украина и го зазеде регионот на Крим и оттогаш им помага на сепаратистите во источна Украина во нивниот крвав конфликт со владата во Киев.

Јапонија соопшти дека е подготвена да им се придружи на Соединетите Држави и другите сојузници за да воведат санкции кон Русија доколку таа изврши инвазија на Украина. Премиерот Фумио Кишида рече дека акцијата на Москва го прекршила „суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и не може да се толерира“. Шефот на ОН, Антонио Гутереш рече дека одлуката на Путин претставува „прекршување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и не е во согласност со принципите на Повелбата на Обединетите нации“. Кина, сојузник на Русија, се чини дека остана неутрална во својата првична реакција. Амбасадорот на ОН Џанг Јун изјави пред Советот за безбедност дека ситуацијата во Украина „е резултат на многу сложени фактори“.

Прикажи повеќе