За ублажување на катастрофалната хуманитарна ситуација на жителите на Газа предизвикана од последиците од ужасниот терористички напад на Хамас врз Израел, ЕУ донесе одлука да започне операција за воведување хуманитарен воздушен мост, што ќе се состои од неколку авионски летови до Египет, со кои ќе се достави помош до хуманитарните организации на теренот.

Првите два лета се предвидени за во текот на оваа недела, со кои до активистите на Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) ќе бидат доставени шатори, лекови и пакети за одржување на хигиената.

„Оваа операција, што се спроведува преку Европскиот капацитет за хуманитарен одговор, ќе ја олесни испораката на помош до луѓето на кои им е потребна во Газа. Дополнителни средства од залихите за итни случаи на ЕУ се достапни и подготвени да бидат доставени до нашите хуманитарни партнери веднаш штом ќе бидат побарани“, се наведува во соопштението на Европската комисија.

Прикажи повеќе