Естонците гледаат единствен спас во НАТО, ние го потценуваме членството

„Историјата не научи никогаш повеќе да не сме сами“. Овие неколку зборови се суштината на целата безбедносна и политичка стратегија на Естонија, земја од 1,3 милиони жители која ја има таа „среќа“ да дели историја и граница со Русија.  Наспроти нас, кои се уште не ја сфаќаме вистинската вредност на членството во НАТО и „плачеме“ што сме го потпишале Преспанскиот договор за да ни го овозможи тоа, во Естонија не само што го вреднуваат членството многу високо, туку сметаат дека за нив е единствениот спас од егзистенцијалните закани со кои се соочуваат.

-Нема потреба никој да ни кажува што е реална закана, а што не е. Состојбите можат да се сменат рапидно брзо. Мора да знаеме што сакаме  и да не ја чекаме историјата  да се случи, туку ние да ја креираме, вели Јонатан Всевиов, генерален секретар на естонското Министерство за надворешни работи.

Кога го слушате добивате впечаток на голема ургентност, како да се руските трупи веќе на естонските граници, иако поради војната во Украина дел од нив се повлечени. Но, сеќавањата од историјата се болни и стравот од повторување е голем. Всевиов нас новинарите од Македонија не прими во зградата на некогашниот Централен комитет на Комунистичката партија во Естонија, а за да биде симболиката поголема посочи дека началникот на Генералштабот на руската армија сега, Валериј Герасимов, бил последниот што раководел со советската дивизија кога Естонија ја доби независноста во 1991 година.

-Изгледа како да сме сега во друга ера, иако тоа се случувања од  пред само триесетина години, вели Всевиов. За него е екстремно страшно да бидеш мала земја во моќно опкружување.Во вакво соседство, вели тој, дилемата секогаш е да бидеш тивок и да не ги лутиш тие околу тебе, т.е. да избегнуваш судири. Но, сега, вели тој, невојувањето веќе не е безбедна опција. Според него, кога Естонија влезе во ЕУ и во НАТО мислеле дека ги решиле проблемите околу своето постоеење, но темни облаци повторно се појавиле над Европа. Првиот аларм за нив, вели тој, биле воените интервенции на Русија во Грузија и во Донбас во Украина.

– Федерика Могерини еднаш рече дека Европа е составена од мали земји и земји кои набргу ќе сфатат дека се мали. Кој е доволно голем  за да преживее во свет во кој се менуваат фундаменталните вредности. Според мене, се работи за многу малку земји, вели дипломатот.

Затоа, иако географски се далеку од Украина, во Талин си зацртале две стратешки цели околу кои имаат целосен консензус во земјата – да инвестираат во сојузништвото во НАТО  и  да осигураат дека тој ќе преживее. За Всевиов изборот е едноставен – или ќе им се дозволи на големите земји да ги менуваат границите на малите, па агресијата да се исплати, или ќе се отфрли таквото однесување како фундаментално неприфатливо и ќе и се помогне на Украина да победи.

-Поразот е сираче, победата има повеќе татковци, вели Всевиов,, оценувајќи дека ако Украина и тие што ја поддржуваат ја изгубат оваа војна, вината ќе ја разјадува Европа и секој ќе го вперува прстот во секого.

      -Во меѓународната политика е важно се што ќе речеме, но многу поважно  што ќе направиме, вели тој, прогнозирајќи дека поддршката на Украина ќе продолжи, со САД или без нив. Според него, Европа поминала долг пат изминатите две години откако почна војната и направила работи што биле незамисливи претходно, го задржала фокусот и им покажала не скептиците дека грешат, но ќе и требаат децении и во најдобри услови (во смисла најголеми издвојувања за воена опрема)  за да ja создаде потребната воена способност.

– Европа има околу 500.000 луѓе кои се најбогати на планетата, а се уште во одбраната се ослонува на САД и на Велика Британија, забележа тој.

Безбедноста на Естонија е исплеплетена со таа на Украина не само заради истото советско минато и делењето на границата со Русија. Естонија сега има најмногу украински бегалци во однос на бројот на жителите и тие преставуваат 3 отсто од вкупното население. Поддршката кон Киев е цврста како цемент, а ја споделуваат и граѓаните кои даваат многу донации и плаќаат значително зголемени даноци за да се обезбедат воените потреби за Украина. Во моментов Естонија издвојува 2,5 отсто од БДП  за одбрана, а намерата е идната година да издвои и над  3 отсто, иако многу поголеми земји во НАТО не го успеваат тоа веќе со години.

-Имаме можеби три или четири години до воена конфронтација со Русија, вели Петер Кимет, директор за меѓународна воена соработка во естонското Министерство за одбрана. Дека е реално таквото очекување тој го илустрира со  фактот што и покрај економските штети и човечките загуби, се уште  78 отсто од Русите даваат поддршка за воената интервенција во Украина.

-Русија во моментов во Украина политички управува со територија која е еднаква на трите балтички држави. Кога гледаме како се однесуваат таму, сфаќаме дека се егзистенцијална закана за нас, вели Кимет.

Тој ја отфрла дилемата дали има потреба да продолжи отпорот на Украина ако не и се обезбеди доволно оружје за да може да надвладее на бојното поле.

-Ако ги споредите БДП-та на земјите што стојат зад Украина и тој на Русија, не гледам како е можно да нема доволно ресурси во Европа за да ја поддршат доволно Украина, вели тој. Лично ја отфрла можноста да не се случи тоа посочувајќи дека многу типови на оружје не биле „на масата“ од почетокот, односно имало црвени линии кај земјите за нив, а сега сојузниците продолжуваат да ги преминуваат.

Воените проценки во Талин се дека Русија сака долготраен конфликт, а украинската офанзива не ги исполнила своите цели и во наредните недели ќе биде запрена. Ниту една од двете страни, вели тој, не е доминантна на терен така што наредните месеци ќе се искористат за да се задржат борбените линии и да се обновуваат воените способности. За него апсурдни се верувањата дека ако сте далеку од Русија како земја, сте безбедни, посочувајќи ги мешањата од страна на Москва во изборите во САД, за време на гласањето за БРЕГЗИТ, во Франција, во Италија, военото присуство во Сирија, интервенциите во Грузија и Украина, Блискиот Исток…

-Притисокот и агресивноста на Русија ќе се вратат. Тоа е неизбежно кога ќе заврши воената агресија на Украина. Сега повлекоа поголем дел од трупите на границата со Естонија бидејќи им требаат и бидејќи толку и веруваат на сопствената пропаганда (дека НАТО им се заканува), вели тој.

Во Меѓународниот центар за одбрана и безбедност во Талин го посочуваат масивниот хибриден напад во 2007 година од Русија врз приватниот и јавниот сектор во Естонија како клучниот момент за освестување. Според нив, се било искористено во него, освен воена интервенција. Тоа било причина да се мобилизираат и да предложат отворање на Центар за одбрана од сајбер напади под капата на НАТО. Центарот, кој е најголем од сличните центри на НАТО, го финансираат земјите што партиципираат меѓу кои и Македонија, која пак заедно со Албанија, се единствените што немаат свој цивилен и воен претставник таму, иако Македонија е во „камено доба“ во однос на одбраната од сајбер напади. Во него сега учествуваат сите земји членки на ЕУ и на НАТО и девет надвор од нив, како Кореја, Украина,Јапонија и други. Центарот обезбедува истражување на законската основа за сајбер напади, обука и воени вежби и еднаш годишно ја  одржува најголемата воена вежба за вакви закани во светот Locked shields.

-Интернетот стана воено поле. Имавме дури 3.000 учесници на вежбата оваа година, посочуваат од Центарот за сајбер одбрана.  Станува збор за симулација на сајбер напади со кои се справуваат одбрани тимови ИТ експерти, што е пак подготовка за многу поголемата воена вежба Crossed Swords која се организира во „живо“, односно во неа се вклучени сите институции во земјата, технолошки и други компании, армијата и слично. На последната вежба бил симулиран напад на електричната мрежа,  а учествувале 38 нации, 375 планери и девелопери, при што биле симулирани осум илјади напади.

-Со толку напади неизбежно е некој да успее, велат во Центарот  посочувајќи дека тоа што се случувало на вежбата всушност се случува редовно на терен во Украина.

Колку сериозно се доживува воената закана од Русија, видливо станува и во најголемата воена база во Естонија, Тапа, инаку поранешна советска воена база во која како сојузничка поддршка сега се распоредени околу 2.000 американски, француски и британски војници. Естонија забрзано се вооружува, меѓудругото и поради фактот дека арсеналите и се испразнија поради големата воена помош што и ја дава на Украина.

По Полска, Украина и Романија  таа ќе биде една од ретките земји во Европа што ќе  вклучи во својата одбрана високомобилен ракетен систем „Хајмерс“, чиј дострел е до 490 километри, кој е целосно компјутеризиран и се смета за многу прецизен. Само пет европски земји имаат авиони што можат да го пренесат, а за да се управува со него потребен е неколкумесечен тренинг, што сега го спроведуваат САД за естонските војници во Тапа. За какво можно оружје станува збор говори тоа што на 300 метри пред возилото и на 400 метри околу него ништо не преживува кога ќе истрелува ракета.

-Ни треба многу оружје, Ни треба секој тип на оружје, велат од Меѓународниот центар за одбрана и безбедност, каде што го делат стравот од воена агресија, иако сметаат дека Русија се обидува да не дојде до директен судир со НАТО.

За Русите пак внатре во земјата, кои бројат околу 24 отсто (30 отсто е вкупниот број на граѓани од руското говорно подрачје, меѓу кои има Белоруси, Украинци и други), овде велат дека е морално а не политичко прашање зад кого стојат околу воената интервенција во Украина. Имало обид во земјата да се формира и руска партија, но не успеал, така што тие чија позиција се совпаѓа со политиката на Русија се интегрирани во повеќе партии, но главно Русите се наклонети на антиевропската и десничарска ЕКРЕ и на Центристичката партија. Границата кон Русија целосно не е затворена иако им е забранет велезот на Русите од таа страна, а домашните Руси можат да преминат заради роднините. Во Талин сепак очекуваат секој момент да биде целосно затворена поради мигрантската криза што ја предизвикува Москва.

Во Естонија велат дека имаат политички бегалци од Русија кои не се согласуваат со политиката на Кремљ, а имаат и Естонци, па и естонски Руси кои се борат на страната на Украина, како и  такви што се борат на руската страна. И во весникот „Постимее“ велат дека за Русите оваа војна е тест за лојалноста, поради што се повеќе граѓани од руското говорно подрачје почнале да земаат естонско државјанство, но има дел што молчат, а молчењето најмногу ги вознемирува.

-Во нашето ДНК е да бидеме скептични кон се што доаѓа од Русија, велат во Талин, каде што идејата за руско присуство е потсетување на советската окупација. Никогаш повеќе сами, мотото за нивната безбедноста и политичка стратегија, притоа беше објаснето и на ваков начин : Колку си поблиску до Русија помалку ја сакаш, и обратно  – колку си подалеку, толку повеќе ги романтизираш односите со оваа држава, нешто што сметаат дека важи за Балканот, иако го гледаат како најранливиот регион во Европа во однос на руското влијание.

Извор: Независен.мк / Слободанка Јовановска