Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган следната недела ќе отпатува за Русија и ќе се сретне со претседателот Владимир Путин, што може да значи напредок во враќањето на Русија во клучниот договор за жито, потврди портпаролот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Партија) Омер Челик.

„Претседателот Ердоган досега спроведува интензивна дипломатија за да помогне во спречувањето на глобалната криза со храна“, рече Челик за новинарите во понеделникот во Анкара, по состанокот на Централниот одбор за донесување одлуки и административниот комитет на партијата.

Средбата меѓу Ердоган и Путин ќе биде во Сочи, изјави Челик, пренесува Дејли Сабах.

Анкара ги интензивираше своите напори во последниве недели да го обнови коридорот за жито за да помогне во олеснувањето на глобалната криза со храна.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во петокот се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да разговара за договорот, како и за неговата мировна формула за ставање крај на војната со Русија.

Претходно агенцијата Тасс објави дека Фидан ќе се сретне со рускиот колега Сергеј Лавров во Москва, најверојатно пред средбата меѓу Ердоган и Путин.

Путин во телефонскиот разговор на 2 август му рекол на Ердоган дека Москва е подготвена да се врати на Црноморскиот договор за жито штом Западот ги исполни своите обврски во однос на рускиот извоз на жито. /Makfax