ЕК објави транзициски план за зелена, дигитална и отпорна земјоделско-прехранбена индустрија

Европската комисија денеска објави план за транзиција на земјоделско-прехранбениот индустриски екосистем, во кој главен фокус е ставен на прехранбената индустрија.

Планот ги идентификува предизвиците и можностите на прехранбениот сектор и предлага активности за зајакнување на неговиот придонес кон конкурентен, одржлив, еластичен и праведен земјоделско-прехранбен систем на ЕУ., пренесува МИА.

– Конкурентноста и еластичноста на системот за храна бараат фер приноси за сите поединци вклучени во синџирот на вредности, паметни инвестиции за одржливост со цел ограничување на инфлацијата на храната, поддршка за извозот на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ и имплементација на циркуларни деловни модели, наведува ЕК

Со планот се охрабрува засегнатите страни да го прифатат Кодексот на однесување на ЕУ за одговорни деловни и маркетиншки практики со храната и истовремено се предлага овозможување на активности за остварување на целите за одржливост на Кодексот. Тој, исто така, предлага зајакната соработка помеѓу различните организации за поддршка на бизнисот и зголемување на свеста за можностите за финансирање на истражувањата и развојот, особено на иновациите насочени кон одржливост.

– Дополнително, документот објавен денеска ги презентира политиките и програмите на ЕУ кои може да поттикнат поддршка на транзицијата кон зелен, дигитален и отпорен земјоделско-прехранбен индустриски екосистем на ЕУ и ги повикува националните и регионалните власти соодветно да ги спроведат тие политики, се додава во соопштението.

Инаку, Комисијата го подготви планот во соработка со земјите членки на ЕУ, индустриските и земјоделските здруженија и невладините организации.