С. Македонија мора внимателно да ја следи ситуацијата на украинската граница и мора да биде внимателна со пристапот кон украинско-рускиот спор. Ова е оценката на експертите кои додаваат дека евентуалното избивање на воен конфликт меѓу двете земји може да има индиректно влијание врз нашата земја. Поранешниот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, вели дека нашата одлука треба да се фокусира на зачувување на суверенитетот.

Аналитичарот Исмет Рамадани оценува дека е многу важно како ќе се однесуваме како земја-членка на НАТО. Тој додава дека сме сведоци оти Русија води агресивна политика на Балканот, која е инсталирана и во Србија, а има експозитури и кај нас.

„Дури и овде во Македонија има нивни гласноговорници во некои мали партии кои не кријат, дури излегуваат со знамето на Русија. Значи, мораме да внимаваме да ги држиме на маргините и да не се инфилтрираат во поголемите политички партии, бидејќи тогаш ризикот е оти може да има некаква внатрешна конфронтација овде во Македонија, за да докажеме дека НАТО не е она што ја обезбедува внатрешната безбедност на држава.“

Поранешниот амбасадор на Македонија во Русија, Ристо Никовски, ја коментираше изјавата на министерката за одбрана, која тој ја нарече избрзана, нагласувајќи дека Украина не е членка на НАТО.

Министерката за одбрана Славјанка Петрова, изјави дека Македонија ги поддржува напорите на НАТО на границата меѓу Украина и Русија, нарекувајќи го провокација распоредувањето на руски сили долж границата. На ваквата изјава на Петрова реагираше руската амбасада во Скопје.