Експлозијата во Тел Авив во неделата навечер е прогласена за терористички напад од страна на израелската полиција и Шин Бет, израелската агенција за домашна безбедност.
„Ова беше терористички напад со експлозија на моќен експлозив“, се вели во заедничката изјава од понеделникот на портпаролот на израелската полиција и на единицата на портпаролот на Шин Бет.
„Како резултат на експлозијата, случаен минувач е умерено повреден (според медицинските извори) и е пренесен на медицинска помош“, се додава.
Еден полициски функционер изјави за Си-Ен-Ен рано во понеделникот дека „избегната е голема катастрофа и дека десетици би можеле да бидат убиени“. Службеникот одби да коментира за тоа која можеби била целта.
По експлозијата, окружниот командант на Тел Авив изврши „обемни претреси“ низ поширокото градско подрачје, се вели во заедничкото соопштение. Полицијата соопшти дека примила десетици повици за силната експлозија на улицата Халехи.
Претходно, полицијата соопшти дека се верува дека лицето кое загинало го носело експлозивниот материјал.
Експлозијата се случи кога градот и понатаму е во состојба на готовност поради зголемените регионални тензии поврзани со војната во Газа. Не е јасно дали чинот е поврзан со сложената безбедносна ситуација.
Подготви: Д. Мишев