Податоците од најновите истражувања во Македонија покажуваат дека една третина од мајките за време на бременоста и по породувањето страдаат од симптоми на депресија, додека кај 28 проценти од нив се регистрира анксиозност.

Понатаму, според податоците, тинејџерите и адолесцентите се особено ранлива категорија, според податоците од најновите истражувања во Македонија кај 29,2 отсто од младите се регистрирани клинички симптоми на депресија додека кај 23,7 проценти се присутни клинички симптоми на анксиозност во периодот после пандемијата со Ковид-19, а девојчињата се позасегнати од анксиозност и депресивни симптоми во споредба со момчињата.

Истражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија е направено во периодот после пандемијата со Ковид-19, а го презентираше д-р Стефанија Митровска, за време на настанот организиран по повод Светскиот ден на менталното здравје – 10 октомври.

Митровска која работи на Универзитетската клиника за психијатрија, вели дека од особен интерес на клиниката е покревањето на свесноста кај пошироката јавност и професионалците, за овие потешкотии со кои се соочуваат жените во бременоста и по породувањето.

Во истражувањето се покажа дека една третина од испитаничките покажуваат клинички релевантни симптоми на депресивност и уште толку се соочуваат со анксиозност. Важно е здравјето на мајката за здрав развој на детето. Ние имаме парола која вели: ‘Здрава мајка, здраво дете, здраво дете, здраво општетство’, рече таа.

Како што додаде во последно време забележува дека почесто се говори на оваа тема во медиумите и социјалните мрежи, но треба и им се укаже на мајките и на тоа како можат да дојдат до помош.

Ретко кој знае како да побара помош. Ако некоја жена препознава кај себе потешкотии со психичкото здравје ја охрабруваме да се обрати кај матичниот лектр, за да ја упати кај специјалист за натамошна проценка. Исто ги повикуваме сите лекари кои се во контакст со родилки, да ги препознаваат знаците на нарушено психичко здравје и да ги прашаат жените како се чувствуваат. Важно е колетивно да ја градиме поддршката, рече д-р Митровска.

Статистичките податоци генерално покажуваат дека дури 1 од 8 луѓе страдаат од потешкотии со психичкото здравје. Овие предизвици не ја афектираат само психичката добросостојба,туку нивното влијание се одразува и на социјалното и професионално функционирање на личноста, а оттаму и на општеството во целост.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.