Премиерите на Холандија и Луксембург побараа Косово да се придржува до планот на Европската унија, за деескалација на ситуацијата во северниот дел на Косово со српско мнозинство. Холандскиот премиер Марк Руте, и луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел, се состанаа во Приштина со косовскиот претседател Вјоса Османи и премиерот Албин Курти. За време на прес-конференцијата, Руте рече дека најдобриот начин за деескалација на ситуацијата е страните да ги исполнат барањата на Европската унија, додавајќи дека регионалната стабилност е многу важно прашање. Бетел, исто така, повика на деескалација, истакнувајќи дека сите страни сакаат деескалација. Курти рече дека Косово сака добрососедски односи со Србија. Премиерот на Косово рече дека тоа е потребно за имплементација на Договорот за нормализација, постигнат претходно оваа година.

„Денеска ја изразивме нашата загриженост за зголемените тензии меѓу Косово и Србија, а Холандија и Луксембург се обидуваат преку дијалог да ја деескалираат ситуацијата, и да ги нормализираат односите меѓу двете земји. Ова е важно не само за мирот и стабилноста во регионот, туку и за просперитетот на интеграцијата во ЕУ”, изјави Марк Руте, премиер на Холандија.

„Патоказот од Лајчак и Борел, исто така, ни ги претставува важните чекори за придвижување напред. Мораме да избегнеме каква било можна нова криза“, рече Хавиер Бетел, премиер на Луксембург.

„Косово е посветено на добрососедските односи, сакаме европско решение, и за тоа ги имаме Основниот договор од 27 февруари и Анексот за имплементација од 18 март, за што сакаме да бидат целосно имплементирани, без одлагање и без услови. Демократиите се солидарни едни со други во лицето на автократиите, така што демократскиот напредок на Косово е можност не само за нашата држава и општество, туку и за Европската унија да продолжи со реформите и трансформацијата на Западен Балкан“, нагласи Албин Курти, премиер на Косово. /Алсат.мк