Европа се простува од Жак Делор: Архитект на ЕУ, творец на еврото, автентичен социјалист и визионер

„Жак Делор не беше политичар како другите. Неговата смрт ќе создаде силни емоции низ Европа, тој  толку многу придонесе таа да се обликува. Ќе не потсетува  на ерата во која една генерација неуморно го следеше идеалот и се погрижи тој да биде преточен во акција и напредок“., напиша Франсоа Оланд.

Жак Делор, поранешниот претседател на Европската комисија кој се сметаше за основач на денешната ЕУ, почина на 98-годишна возраст во својот дом во Париз. Европските државници се  простуваат од Делор со голема носталгија кон неговата политичка кариера. Беше претседател на Европската комисија во три мандата. Тој ќе остане засекогаш во европската политичка меморија по реализираната визија да се создаде единствен европски пазар и една валута. За неговите заложби беше честа мета на евроскептиците и се конфронтираше со британската премиерка Маргарет Тачер. Пишувајќи во Ле Монд, политичкиот новинар Франсоаз Фресоз рече дека Делор е „автентичен социјалист, револтиран од неправдата, кој сака да го промени текот на работите“.

Делор, исто така, поранешен министер на француската влада, беше страстен застапник на повоената европска интеграција и беше заслужен за воведувањето на еврото, единствената валута на ЕУ и создавањето на единствениот пазар на блокот.

Францускиот претседател Емануел Макрон беше еден од првите што му оддаде почит. „Државник со француска политичка судбина. Неисцрпен архитект на нашата Европа. Борец за човечка правда“, рече тој во изјавата.

„Жак Делор беше сето ова. Неговата посветеност, неговите идеали и неговата исправност секогаш ќе не инспирираат. Ја поздравувам неговата работа и неговиот спомен и ја споделувам тагата сo неговото семејство“., напиша Макрон.

Делор служеше како европратеник во Европскиот парламент помеѓу 1979 и 1981 година и како министер за финансии во владата на Франсоа Митеран од 1981 до 1984 година.

Тој беше претседател на Европската комисија во три мандати од 1985 година до крајот на 1994 година – подолго од кој било друг носител на функцијата – и се залагаше за воведување на единствениот пазар, кој стапи на сила на 1 јануари 1993 година и овозможи слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги во рамките на она што беше Европската економска заедница.

Во Британија, Делор постојано се конфронтираше со тогашната британска премиерка, Маргарет Тачер. Тој стана главна пречка за британските евроскептици.

Кинок го опиша Делор како „многу љубезен, смирен, високо интелигентен човек, кој решава проблеми“, додавајќи: „Тој не дозволуваше неговата проценка за тоа што е можно, што е практично, што е изводливо да се замати со лична перцепција или волја .“

Поранешниот премиер Борис Џонсон рече дека Делор „беше истакнат архитект на модерната Европска унија и без разлика дали се согласувате или не со неговата визија, тој беше висока политичка фигура“.

Тој додаде: „Без Делор немаше да има договор од Мастрихт и евро. Навистина, без Делор немаше да има единствен пазар“.

„Тој ги искористи вознемиреноста по Студената војна за Германија за да создаде нова федерална структура за Европа и тоа го направи со блескави желби. Неговите идеи никогаш не биле исправни за Британија… но никој не може да се сомнева во неговото наследство денес“, вели Џонсон.

Делор, член на француската социјалистичка партија, нашироко се смета за претседател што Франција требаше да го има во 1995 година, кога десницата се распарчуваше. Партијата се обиде да го убеди да се кандидира и анкетите сугерираа дека тој ќе имал добри шанси да влезе во Елисеј.

Делор одби да се кандидира, а кандидатот на социјалистите избран да се кандидира, Лионел Жоспен, загуби од конзервативниот Жак Ширак.

Поранешниот главен преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, објави на социјалните мрежи: „Жак Делор беше за многумина од нас, над политичките поделби, извор на инспирација и причина да се верува во „одредена идеја“ за политика, на Франција. и на Европа, тој беше хуманист кој работеше за соработка и солидарност меѓу Европејците“.

Поранешниот француски претседател Франсоа Оланд рече дека Делор го „посветил целиот свој живот“ на јавните служби.

„Жак Делор не беше политичар како другите. Неговата смрт ќе создаде силни емоции низ Европа,  тој придонесе таа да се обликува. Ќе не потсети на ерата во која една генерација неуморно го следеше идеалот и се погрижи тој да биде преточен во акција и напредок“.

Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, напиша  „Жак Делор беше визионер кој ја направи нашата Европа посилна“.

„Неговото животно дело е обединета, динамична и просперитетна Европска унија. Таа оформи цели генерации Европејци, вклучувајќи ја и мојата. Да го почитуваме неговото наследство со постојано обновување на нашата Европа“, додаде фон дер Лајен.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го опиша како „голем Французин и голем Европеец“ кој „влегол во историјата како еден од градителите на нашата Европа“.

Кристин Лагард, претседателката на Европската централна банка, рече: „Со смртта на Жак Делор, Европа загуби вистински државник.

„Неговите достигнувања беа многубројни, вклучувајќи го и водењето на создавањето на единствениот европски пазар и патот што тој го постави кон нашата единствена валута, еврото. Почивај во мир.”, напиша Лагард.

Делор остави ќерка, Мартин Обри, поранешен прв секретар на Социјалистичката партија и градоначалник на Лил во северна Франција од 2001 година.

Подготви: А. Василевска/НОВА ТВ