Македонскиот фудбалер Доријан Бабунски, кој настапува за бугарскиот Ботев Враца доби вечерва деби повик за А-репрезентацијата на Македонија од селекторот Благоја Милевски, соопшти бугарскиот прволигаш.

Бабунски игра сезонава во одлична форма, а добрата форма сега е наградена со деби повик за него за А-тимот од страна на селекторот Благоја Милевски.

„Добра вест во тажната разврска од денешниот меч е повикот на Доријан Бабунски за репрезентацијата на Македонија за мундијалските квалификации со Ерменија и Исланд. Ова е огромно признание за Доријан за целиот негов труд во оваа цела година за Ботев Враца“, објави бугарскиот прволигаш.

Младиот центарфор има девет настапи за селекцијата до 21 година, а седумпати играше за селекцијата до 17 години и уште трипати за селекцијата до 19 години.