Еден понеделник, во март 1827 година, проследен со големо невреме, германскиот композитор Лудвиг фон Бетовен почина по долготрајно боледување. Заглавен во креветот од претходниот Божиќ, се бореше со жолтица, поради која му беа отечени екстремитетите и стомакот.

Додека неговите соработници ја извршуваа задачата да ги средат личните работи, тие открија документ што Бетовен го напишал четвртина век порано – тестамент во кој ги моли неговите браќа јавно да говорат за неговата состојба.

Денес не е тајна дека еден од најголемите музичари во светот  бил глув од средината на неговите 40-ти години. Тоа беше трагична иронија што Бетовен посакувал светот да ја разбере, не само од лична, туку и од медицинска перспектива.

Композиторот го надживеал својот доктор речиси две децении, но безмалку два века по смртта на Бетовен, тим истражувачи тргнаа да го исполнат неговиот тестамент, на начини за кои никогаш не би можел да сонува, со генетска анализа на ДНК од автентичните примероци од неговата коса.

„Нашата примарна цел беше да ги расветлиме здравствените проблеми на Бетовен, кои вклучуваат и прогресивно губење на слухот, почнувајќи од средината и доцните 20-ти години, што на крајот довеле да остане функционално глув од 1818 година“, рече биохемичарот Јоханес Краузе од германскиот Институт за еволутивна антропологија, ‘Макс Планк’.

Примарната причина за тоа губење на слухот никогаш не била позната, дури ни на неговиот личен лекар д-р Јохан Адам Шмит. Она што започнало како тинитус полека преминало во  намалена толеранција за гласна бучава и на крајот до губење на слухот на повисоките тонови, што всушност ја завршило неговата кариера како изведувач.

За музичар, ништо не може да биде поиронично. Во писмото упатено до неговите браќа, Бетовен признал дека бил „безнадежно погоден“, до степен да размислува за самоубиство.

Тоа не било само губење на слухот со кое композиторот морал да се справи во неговиот живот. Најмалку од 22-годишна возраст, се вели дека страдал и од силни болки во стомакот и хронични напади на дијареа.

Шест години пред неговата смрт се појавиле првите индикации за заболување на црниот дроб. Болест за која се смета дека е, барем делумно, одговорна за неговата смрт на релативно млада возраст од 56 години.

Во 2007 година, форензичката истрага на прамен од косата  сугерираше дека труење со олово би можело да ја забрзало неговата смрт.

Со оглед на културата на пиење од оловни садови и медицинските третмани од тоа време што вклучувале употреба на олово, тоа не е изненадувачки заклучок.

Сепак, научниците останале збунети кога се потврдило дека овој заклучок впрочем потекнува од женски влакна испреплетени во праменот на Бетовен. Тоа отворило дополнително прашање – чии се влакната женска коса и како се нашле меѓу прамените на композиторот.

Она што е откриено со анализа на влакната коишто дефинитивно припаѓаат на Бетовен е дека неговата смрт веројатно е резултат на инфекција со хепатитис Б, влошена од прекумерното пиење алкохол и бројните фактори на ризик за заболување на црниот дроб.

„Не можевме да најдеме дефинитивна причина за глувоста или гастроинтестиналните проблеми на Бетовен“, додава Краузе.

Со оглед на тоа што тимот беше инспириран од желбата на Бетовен светот да го разбере неговото губење на слухот, тоа е несреќен исход. Иако имаше уште едно изненадување закопано меѓу неговите гени.

Понатамошното истражување кое го споредува хромозомот Y во примероците на косата со оние на неговите поколенија, кои потекнуваат од татковската линија на Бетовен, укажува на несовпаѓање. Изгледа дека во генерациите пред раѓањето на композиторот се случувале одредени вонбрачни активности.

„Ова откритие сугерира на екстрапарно татковство во неговата татковска линија помеѓу зачнувањето на Хендрик ван Бетовен во Кампенхаут, Белгија во околу 1572 година и зачнувањето на Лудвиг ван Бетовен неколку генерации подоцна, во 1770 година, во Бон, Германија“, вели Тристан Бег, биолошки антрополог на Универзитетот во Кембриџ.

Сето тоа би можело да биде малку повеќе отколку што настојувал да се дознае помладиот Бетовен, кога судбоносното барање го ставил на хартија. Никогаш не би ни сонувал за тајните што се чувале додека неговите пријатели и соработници ги стрижеле влакната од гавата во пресрет на таа мрачна бурна, во понеделникот вечерта во 1827 година.

Извор: Science alert