„Луѓето кои шират дезинформации за вакцините за Ковид-19 се криминалци кои го чинеа човештвото милиони животи“, рече извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла.

Бурла го изјави ова во интервју за вашингтонскиот тинк-тенк Атлантскиот совет, додавајќи дека станува збор за „многу мала“ група на луѓе кои намерно создаваат и шират дезинформации за вакцините, создавајќи сомнежи кај луѓето кои веќе се двоумат за вакцинирање против Ковид.

„Овие луѓе се криминалци. Тие не се зли луѓе, тие се криминалци кои буквално го чинеа човештвото милиони животи“, рече Бурла во интервју со претседателот на Атлантскиот совет Фредерик Кемпе.

Си-ен-би-си потсетува дека милиони Американци сè уште се скептични за вакцините против Ковид-19, иако во таа земја, но и во голем број други земји има повеќе од доволно вакцини. Експертите за јавно здравје велат дека во ова голема улога имаат дезинформациите за вакцините.

Според студијата објавена во понеделникот од Фондацијата Кајзер, повеќе од три четвртини од возрасните Американци или веруваат или не се сигурни во барем едно од осумте лажни тврдења за ковид или вакцините, а предничат невакцинираните возрасни и републиканците.

Меѓу лажните тврдења за кои веруваат се тврдењата дека вакцините содржат микрочипови, предизвикуваат неплодност и ја менуваат структурата на ДНК, се вели во студијата.

Главниот извршен директор на Pfizer во истото интервју рече дека животот на огромното мнозинство луѓе може да се врати во нормала кога повеќето од оние кои се уште се невакцинирани, се вакцинираат.

„Искрено, единственото нешто што стои помеѓу нормалниот живот и животот што го живееме сега е колебливоста кон вакцините“, рече Бурла.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.