Десетици илјади Германци протестираат против екстремната десница

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги опиша бројните протести закажани против екстремно десничарскиот екстремизам како „моќен знак“ во корист на демократијата и германскиот Устав. „Без разлика дали во Ајзенах, Хамбург или Берлин: во малите и големите градови низ целата земја, многу граѓани се собираат заедно да протестираат против заборавот, против омразата и агитацијата – и овој викенд“, напиша социјалдемократскиот политичар на социјалната платформа Х.

Тој неодамна во неколку наврати ги пофали големите собири, а минатиот месец и самиот учествуваше на митингот во Потсдам во близина на Берлин. Десетици илјади луѓе излегуваат на улиците во Германија околу три недели за да протестираат против екстремната десница воопшто, а особено против партијата Алтернатива за Германија (АфД).

Протестите беа поттикнати од откритијата на истражувачката новинарска група Коректив за состанокот на радикалната десница во Потсдам на 25 ноември, на кој присуствуваа неколку политичари на АфД, како и некои членови на главната конзервативна опозициска Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и екстремно десничарскиот ВертеУнион.

На состанокот се разговарало за начините како да се натераат голем број странски државјани, вклучително и баратели на азил, кои групата ги нарече „неасимилирани граѓани“ и имигранти со германски пасоши, да ја напуштат земјата, вклучително и под принуда.

Протестите против екстремно десничарскиот екстремизам ќе продолжат на многу места овој викенд. Собир на 100.000 луѓе кои ќе формираат симболичен човечки синџир е закажан за денеска во близина на зградата на Рајхстагот во Берлин, во која се наоѓа Долниот дом на германскиот парламент. Демонстрации со неколку илјади учесници беа најавени и во северниот град Хановер и Дрезден на исток.

Г. Т.