Демократ победи во Њујорк

Демократот Том Суози победи на изборите за третата конгресна област во Њујорк, со што освои место во Претставничкиот дом на САД, откако републиканецот Џорџ Сантос беше отстранет од тоа претставничко место во декември.

Со оваа победа на Том Суози над републиканката Мејси Пилип, демократите го намалија републиканското мнозинство во Домот, каде досега републиканците имаа 219 места, а демократите 212.

Трката меѓу Суози и Пилип, освен на Израел, се фокусираше на миграцијата и абортусот, кои се очекува да бидат главни прашања на општите избори во ноември, јави Би-Би-Си.

Претходниот претставник на областа, Џорџ Сантос, беше сменет во декември поради обвинувања за корупција, измама и злоупотреба на средства за кампања. Во обвинението се наведува дека Сантос донираните средства за кампањата ги потрошил на облека и ги користел за отплата на долгови и рати за автомобил.