Министерот за здравство, Илир Демири, се обрати на свечената академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки при Универзитетската клиника за хематологија, кој пред 3 недели беше пуштен во употреба.

Голема е честа денеска да се обратам на свечената академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки при Универзитетската клиника за хематологија. Изминативе неколку години оваа установа покажа како треба да се работи во интерес на пациентите и здравствените работници. Клиниката за хематологија истовремено вложуваше и во подобрување на условите за третман на пациентите, но и во унапредување на условите за работа на здравствените работници“, рече Демири.

Како што додаде, покрај реновирањето на установата, тука првпат почнале да се прават и трансплантации на матични клетки од несроден дарител.

Со трансплантациите им се даде нова шанса за живот на пациентите со малигни хематолошки заболувања. Пред само неколку недели беше пуштен во употреба и новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки, што претставува една од најважните инвестиции во јавното здравство. Сега Клиниката за хематологија се етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот. Задоволен сум што овозможивме најсовремен и најдобар медицински третман за пациентите“, укажа Демири.

Упати благодарност до директорите на оваа установа, д-р Ирина Пановска-Ставридис и Флутим Кадриу, до членовите на Владата, до Фондот за здравствено осигурување, но и до Амбасадата на Соединетите Американски Држави, за обезбедувањето финансиски средства за реализација на оваа важна инвестиција.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.