Дел од персоналот на ОН го напушта Хаити

Дел од персоналот на Обединетите нации денеска ќе почне да го напушта Хаити, поради крајно нестабилната безбедносна ситуација, соопшти портпаролот на ОН.

„Обединетите нации не го напуштаат Хаити. Колегите кои спроведуваат спасувачки активности ќе останат на Хаити за да продолжат со операциите“, рече портпаролот.

Тој додаде дека ОН ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата, пренесува МИА.

Премиерот на Хаити, Ариел Анри, во вторникот се согласи да поднесе оставка по неколкунеделен притисок и зголемено насилство во таа карипска земја, објави претседателот на Групата карипски земји и претседател на Гвајана, Ифран Али.

Оставката на премиерот на Хаити доаѓа по состанокот на регионалните лидери во понеделникот во Јамајка, на кој се разговараше за политичката транзиција на Хаити. Анри моментално се наоѓа во Порторико, откако вооружени банди на Хаити го спречија да се врати во земјата.