Познат е идентитетот на петтемина луѓе за кои се верува дека се наоѓаат во туристичката подморница „Титан“, која исчезна во Атлантскиот Океан додека била на пат кон остатоците на „Титаник“. Меѓу нив се и двајца милијардери, британскиот бизнисмен и авантурист Хамиш Хардинг и Шахзада Давуд, еден од најбогатите луѓе во Пакистан.

Давуд тргнал на опасното патување со синот Сулејман, а во екипажот се и 73-годишниот француски истражувач и експерт за „Титаник“ Пол-Анри Наржеоле и Стоктон Раш, извршниот директор на „Оушнгејт“, компанијата која ги организира овие тури за 250.000 долари од место.

Морнариците на САД и Канада, владини агенции и фирми за истражување на големи длабочини учествуваат во потрагата, но засега нема знаци од пловилото долго 6,7 метри, со кое контактот бил изгубен еден час и 45 минути по нурнувањето во неделата претпладне. Се верува дека подморницата во тој момент била оддалечена 1.450 километри од брегот на САД.

Според синоќешните проценки, екипажот имал кислород за уште 70 часа.

„Предизвик е да се води потрага во така зафрлена област“, изјави адмиралот Џон Мауџер од американската крајбрежна стража.

Истражувачот на океани Роберт Блазјак изјави дека ако подморницата паднала на дното на океанот, условите ќе бидат многу тешки.

„Атмосферскиот притисок ќе биде 380 пати поголем од нормалниот на површината“, кажа тој.

Американскиот сценарист и продуцент Мајк Рајс минатата година бил на патување со „Титан“, за кое се вели дека е експериментално пловило што не е одобрено од ниедно регулаторно тело.

„Притоа потпишувате документ во кој се набројуваат разни начини на кои можете да умрете на патувањето. Смртта се спомнува трипати уште на првата страница, така што не можете да не мислите на тоа. Тоа е навистина истражување, а не одмор“, откри Рајс. /СДК