Бројната публика која го сака театарот и археолошкиот локалитет Стоби сeкое лето од средината до крајот на јули едвај чекаше да гледа претстави од Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.Така беше во периодот од 2002 до 2014 година и последен пат во 2018 година. Последниве години, фестивалот за жал се одржува наесен на затворена сцена во театарот во Велес.

Причината е предупредувањето од археолозите и стручњаците по градежништво, дека гледалиштето на театарот е во критична состојба и може да се сруши. Затоа треба целосно да се реставрира, за повторно да се врати публиката. Археолозите од НУ Стоби бараат поголеми финансиски средства за да се постават мермерните седишта на левата страна од театарот, со што публиката ќе може да се врати во Стоби, а во тоа време да се реконструира десната страна од гледалиштето.

Од Министерството за култура за МИА, информираат дека реконструкцијата на Римскиот театар во Стоби е долгогодишен етапно финансиран проект чија финализација зависи од обезбедените средства во годишните буџети и реализацијата на планираните позиции.

Опции за ревитализација на театарот во Стоби

Едната опција е да се заврши проектот за поставување на седиштата во источната половина, со тоа што би се реконструирала на база на тоа што го има на западната. Со тоа публиката слободно ќе може да седи во тој дел од театарот. Во тое време археолозите и градежниците заедно би ја конзервирале западната половина со автентично сочуваните седиштата, а кои сега се испукани.

Тие имаат проект и од септември почнуваат со конзервација на тие блокови. Но, потенцираат, немаат доволно средства да се направи нешто повеќе.

Според нив, кога сето тоа ќе го завршат зависи од динамиката на финансирање. Сепак, велат, средствата за реставрација на театарот од година во година им се намалуваат.