Гутереш повика на максимална воздржаност по иранскиот напад на Израел

Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш синоќа (14 април), а по нападот на Иран врз Израел, потсети дека актите на одмазда кои вклучуваат употреба на сила се забранети според меѓународното право, додека САД најавија дека ќе работат на тоа Техеран да одговара пред ООН.

Гутереш, говорејќи на состанокот на Советот за безбедност на ОН, им порача на земјите-членки дека повелбата на ОН забранува употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава и го осуди нападот на Иран врз Израел и предупреди на ризикот од натамошна ескалација.

„Блискиот исток е на работ. Народот во регионот се соочува со реална опасност од разорен конфликт од големи размери. Сега е време за смиреност и деескалација“, истакна Гутереш на состанокот свикан по иранскиот напад.

Заменик-амбасадорот на САД во ОН Роберт Вуд го повика 15-членото тело недвосмислено да го осуди нападот на Иран, велејќи дека должност на Советот за безбедност е да не ги остави активностите на Иран да останат без одговор.

„Дозволете ми да бидам јасен – ако Иран или неговите полномошници преземат дејствија против САД или дополнителни дејства против Израел, Иран ќе биде одговорен“, потенцираше тој.

Иранската мисија во ОН во текот на ноќта меѓу 13 и 14 април објави дека воена акција против Израел била иницирана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск.

„Што се однесува до нас, ова е готово и оваа работа може да се смета за завршена. Ако, од друга страна, режимот во Израел ја направи следната грешка, одговорот на Иран ќе биде многу посериозен“, соопшти иранската мисија во ОН.

Извор: РСЕ