Грчките медиуми открија нови детали за убиството во саботата на Халкидики кога беше смртно застрелан Орхан Бајрами-Оки, а Сеад Слезовиќ беше сериозно повреден. Според грчките медиуми, Бајрами во моментот на егзекуцијата бил во друштво на три лица, Сеад Слезовиќ и уште две други. Повикувајќи се на извори од истражните органи во Грција, медиумите објавија дека убиството се случило во саботата наутро во 3:30 часот. Двајца маскирани лица отвориле оган во објектот во која престојувале Бајрами и Слезовиќ. Напаѓачите избегале, а грчката полиција ја отфрли верзијата дека убијците се движеле со мотор. Според официјалната верзија и безбедносните камери, на подрачјето каде што се случило убиството пред и по злосторството бил забележан автомобил со странски регистарски таблички. Ова, според полицијата е главната патека по која се движи истрагата за идентификување на двајцата напаѓачи.

На местото на настанот биле пронајдени 19 чаури. На граничните премини не е евидентиран автомобилот што го користеле убијците, па се проверува можноста за илегално влегување и излегување на напаѓачите.

Локалните институции кои беа известени преку дипломатски канали за убиството на двајца државјани на Македонија во Грција, изјавија дека идентификацијата преку објави на апликацијата ТикТок е отежната. Неодамна се појавија фотографии од Орхан Бајрами покрај Јетон Кривањева кој беше убиен на 6 март во шиша барот во Скопје. Според полицијата, приемот на информации од седиштето на TikTok во Сингапур, треба да оди преку Јавното обвинителство, односно преку каналите за меѓународна правна помош.

Адријан Керими

Прикажи повеќе