Груби: Безбедносната, енергетската, ценовната криза и инфлацијата имаат само едно име – Русија и нејзината воена агресија врз Украина

Првиот вицепремиер одговорен за политички систем, Артан Груби на отворањето на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“ во Скопје, порача дека од изборите на 11 декември 2016 година и формирањето на владата во јуни 2017 година, ова прогресивно заедништво, се соочувало со многу предизвици.

– Многу предизвици, кои што имаат само едно заедничко име, само еден единствен фактор на потикнување и само еден центар на инспирација, а тоа е Русија. Ако се сеќавате за време на нередите во Собранието имаше еден од руските служби заедно со колега од нашето соседство, кои што ги поттикнуваа тие што протеститраат да влезат и да ги линчуваат пратениците, новоизбраниот претседател на Собранието, мандатарот за нова влада и сите пратеници во прес-центарот. Своевремено имаше изјави и од министерот за надворешни работи Лавров и од неговата портпаролка Захарова, но и од претседателот Путин, кој ги знаеше сите села во Македонија и ги спомнуваше во негови интервјуа. Велеше дека огнената раскрсница за Русија во однос на проширувањето на НАТО е Македонија. Ова е изјава цитирана од страна на Лавров, а потоа Путин го спомнуваше и кумановско Грушино за да поттикнува меѓуетнички конфликти во Македонија, меѓу Македонците и Албанците, сè до случаите кои се случуваа трагични во нашите градови, изјави Груби.

Безбедносната, енергетската, ценовната криза и инфлацијата, според Груби, имаат само едно име – Русија и нејзината воена агресија врз Украина.

– Дали има руско влијание во нашите верски заедници? Одговорот пронајдете си ги сами. Дали има руско влијание во нашите медиуми? Одговорот, пак си го знаете сами. Дали има руско влијание во невладините организации во нашето општество? И сите знаете дека има руски експоненти и елементи кои што прават се што е можно и во нивна моќ да ги нарушат прогресивното парламентарно мнозинство и коалиција која што сака да ја види оваа држава членка на НАТО и ЕУ и во вековно пријателство во Америка. Затоа се обидуваме да го изградиме европскиот фронт на заедништво, на прогресивни сили во државата, изјави Груби.

На крајот од обраќањето, потсетувајќи на изјавата на О‘Брајан за ставот на Владата на САД дека имаме сили кои јавно кажа за што се залагаат, за европски фронт и имаме други кои се уште немаат кажано за што се залагаат, а ние би сакале да чуеме за што се залагаат. Дали се залагаат за руско источен фронт или за европски фронт, Груби истакна дека Европскиот фронт има само еден пат, а за тој се залагаме сите ние што сме во оваа сала.

Зависи од сите вас, од сите нас заедно каде и каква ја сакаме нашата заедничка Македонија, да биде европска или руска“,

М. Д.