Германска министерка за надворешни работи: Путин сака да ја уништи Украина

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ја повтори посветеноста на нејзината земја за континуирана поддршка на Украина, велејќи дека Владимир Путин има намера да ја „уништи“ оваа држава по руската инвазија започната пред речиси две години, пишуваат германските медиуми.

„Факт е дека првичниот план на Путин да го заземе Кијив и да убие, раселува или потчини повеќе од 40 милиони луѓе не беше успешен поради неверојатната храброст на Украинците, кои се решени да ја бранат својата земја“, изјави Баербок во интервју за германскиот весник Potsdamer Neusten Nachrichten.

Таа нагласи дека „тоа е благодарение и на поддршката од Германија, како и на поддршката на многу други земји, кои го прават она што е човечко: и помагаат на жртвата наместо да замижуваат, што би му помогнало на агресорот“.

Според неа, сегашната ситуација на териториите под руска окупација и незаштитените локации во Украина покажува што ќе се случеше со целата земја, како и со соседните земји како Молдавија, доколку Европската унија и мнозинството од меѓународната заедница не застанеа цврсто на страната на Украина

„Путин намерно ги напаѓа електраните, центрите за дистрибуција на електрична енергија и далноводите, така што водоснабдувањето замрзнува на минус 10 степени Целзиусови, а луѓето умираат од жед и смрзнуваат до смрт. Тој сака да ја уништи Украина и затоа ние ќе ја поддржиме колку што сме и потребни“, предупреди Баербок.

Украина се брани од руската инвазија од 24 февруари 2022 година. Откако руските сили првично успеаја да напредуваат до предградијата на Кијив, Украинците успеаја да ги потиснат и борбите сега се главно концентрирани на истокот на земја.

Оттогаш Русија незаконски анектираше четири украински територии, а украинската контраофанзива, што започна на почетокот на оваа година за нивно повторно преземање, е запрена.

Германија е еден од главните помагачи на Украина во конфликтот. Според вкупната вредност, Берлин беше вториот најголем снабдувач на воена помош за Украина зад САД, вклучувајќи главни борбени тенкови, тешка артилерија и системи за противвоздушна одбрана.

Г. Т.