Тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини ја прослави победата број 200 во Серија А, откако неговиот тим вчера го совлада Каљари со 2:1. Гасперини изјави дека е среќен во Бергамо.

-Се надевам дека ќе успеам да извојувам уште многу победи, бидејќи не паметам ниту една лесна. Среќен сум во Италија, во Бергамо, начинот на живот е од големо значење. Понекогаш размислувам за Премиер лигата и понудите што ги добивам. Можев да одам во Англија и да бидам побогат, но помалку среќен. Јас не живеам само на теренот, изјави Гасперини.

Под негово водство Аталанта бележи одлични резултати последните години и постојано е при врвот на табелата и со изборено учество во евро-куповите.  (МИА)