Претседателката на Косово, Вјоса Османи, одби да се сретне со својот колега од Србија, Александар Вучиќ, за време на самитот на Европската политичка заедница што се одржува во Шпанија. Таа побара прво да се воведат санкции против Србија и самиот Вучиќ како осуда за вооружената агресија од 24 септември. Таа додаде дека се надева оти Шпанија, која не ја признава државноста на Косово, ќе се приклучи кон санкциите. На состанокот одржан на 3 октомври во Европскиот парламент, дел од европратениците повикаа на казнување на Белград. Високиот претставник на Европската унија, Жозеп Борел, најави дека ќе седне заедно со Османи и Вучиќ, токму на самитот во Гранада. „Во Кишињев седевме заедно, разговаравме и денес ќе го направиме истото. Но, ситуацијата е многу полоша денес отколку тогаш“, изјави Борел.

„Нема причина да се состануваме пред да се преземат санкции против Вучиќ. Прво санкции, а потоа можеме да зборуваме за останатите прашања. Шпанија е земја која придонесува за мирот и стабилноста на целиот континент. Се надевам дека ќе сфатат оти поддршката за агресор за кој има јасни докази од 24 септември, нема да помогне за мирот и стабилноста. Се надевам дека Шпанија ќе го следи примерот на другите земји да преземе мерки против Србија за овој чин што го изврши не само против Косово, туку и против мирот и безбедноста на цела Европа“, рече Османи.

Прикажи повеќе