Постои шанса, благодарение на француското застапување, да се разгледа одложувањето на членството на Косово во Советот на Европа. Ова го изјави српскиот претседател Александар Вучиќ посочувајќи дека Србија ќе продолжи да се бори против приемот на Приштина во Советот на Европа, иако, како што додаде, се соочува со доминантните сили на Западот.

Според него, целиот процес нема да биде едноставен, а за таа цел испратиле многу документи и официјални писма на различни адреси, а најави и дека во иднина ќе продолжи истото да го прави.

Вучиќ откри дека му се јавуваат, како што рече, од многу страни, за да го убедат да направи некаков компромис, но вели дека по ова прашање не постои можност да се направи каков било компромис.

„Што се однесува до Советот на Европа, најсмешно е кога имате нивни објаснувања дека тоа е нормален процес и дека тоа некаде некогаш е запишано како такво. Па, таму некаде пишува и дека Заедницата на српските општини требало да се формира пред 11 години. Сите европски лидери и Шолц, и Макрон, и Мелони ми рекоа дека не треба ништо да правиме додека не се формира ЗСО, па сега заборавија на тоа“, рече Вучиќ.